1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиГерманија

АфД и медиумите – и тоа е прашање за слободата на медиумите

3 мај 2024

Како да се известува за делумно десничарската екстремистичка Алтернатива за Германија? Никој нема рецепт. Ниту приватните медиуми ниту јавните радиодифузери.

https://p.dw.com/p/4fTLY
АфД Германија
Медиумската политика и АфДФотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Слободата на медиумите и слободата на изразување се загарантирани со германскиот устав. Медиумскиот пејзаж се заснова на двоен систем: постојат јавни и приватни медиуми. Првите главно се финансираат од претплатата што треба да ја плати секое домаќинство во Германија. Други се потпираат на приходите од реклами и продажбата на нивните производи.

Дојче веле (ДВ) е посебен случај: медиумската куќа за странство добива даночни пари од буџетот на државниот министер за култура и медиуми (БКМ). Како и сите други јавни радиодифузери, ДВ е обврзана да известува сеопфатно и избалансирано за сите релевантни теми. Тоа го следат контролни комисии во кои седат претставници на општествено релевантни групи: луѓе од политиката, културата, економијата, науката, спортот, верските заедници, синдикатите.

АфД против „присилното финансирање“ на јавните медиуми

Доколку би одлучувала  Алтернатива за Германија (АфД), која Сојузната служба за заштита на Уставот ја класифицираше како делумно десничарско екстремистичка, јавниот радио и телевизиски  сервис во сегашната форма немаше да има иднина: „Неговото присилно финансирање мора да се укине веднаш и да се претвори во платена телевизија“, бара АфД во неговата партиска програма.

Партијата постојано се чувствува запоставена во известувањето. Ова обвинување важи и за приватните медиуми. Од партијата често се слуша дека нејзините членови ретко се поканети на телевизиски емисии. Факт е: никој нема право на тоа, одлуките ги носат уредничките тимови. Ова е исто така дел од слободата на медиумите и слободата на изразување.

Различни теми: шпионажа, десничарски екстремизам, Бјерн Хеке

Тврдењето дека АфД е занемарена би можело да биде целосно неточно, особено во 2024 година. Партијата е тема, бидејќи и анкетите предвидуваат дека ќе има добри резултати на европските избори во јуни и на изборите во трите сојузни покраини во Германија во септември. Меѓутоа, нејзината зголемена радикализација и наводната вмешаност во  случаите на шпионажа,  особено со Кина, како и нејзиниот однос со Русија, исто така често се на насловните страници.

Клучен збор екстремизам: Десничарот на АфД Бјерн Хеке сега е веројатно доста познат и надвор од Германија - барем во круговите заинтересирани за политика. Сепак, оваа претпоставка веројатно не важи за Бодо Рамелов. Имајќи ги предвид нивните функции, сепак, би требало да биде обратно: од 2014 година, Хеке е шеф на пратеничката група на опозициската  АфД во парламентот на германската сојузна покраина Тирингија. Рамелов е премиер на оваа сојузна покраина од 2014 година, со кратка пауза.

Премиерот на Тирингија во сенка на неговиот противкандидат

Фактот дека Хеке е попознат има и други причини: тој е познат како највлијателниот десничарски екстремист во рамките на АфД. Во медиумите ова игра поголема улога од нималку баналниот факт дека Рамелов е првиот и единствен германски премиер на сојузна покраина кој доаѓа од партијата Левица.

Хеке сонува да стане наследник на Рамелов  по изборите во таа покраина во септември. Тоа е - грубо скицирана - политичката ситуација. Покрај тоа, членот на АфД, кој е под надзор на германската Сојузна служба за заштита на Уставот, се сомничи за јавно користење на забранетиот слоган на нацистичката борбена организација „Јуришни одреди “ (СА) и за тоа  е обвинет пред покраинскиот суд во Хале.

 Бјерн Хеке  АфД  Хале
Протест пред почетокот на судењето на Бјерн Хеке од АфД во ХалеФотографија: dpa

Да се разговара за АфД - или со нив?

Во медиумите се случува ова: за премиерот Рамелов се известува само маргинално надвор од Тирингија, додека неговиот противник е присутен на сите канали. Меѓутоа, Хеке е обично објект и ретко субјект: затоа повеќе се зборува за него отколку со него. Тоа важи и за неговата партија.

А неодамна имаше контроверзна премиера на германската телевизија: Хеке се бореше во живо со главниот кандидат на Христијанско-демократската (ЦДУ) Марио Фојгт, кој е малку познат дури и во Тирингија. Приватната телевизиска куќа „Велт-ТВ“, која се финансира од реклами, за емисијата планираше 45 минути во вечерниот ударен термин. На крајот, размената на удари траеше повеќе од еден час.

Помеѓу расветлување и спектакл

Денови пред емисијата оваа средба беше организирана како спектакл во боксерски ринг и беше постојана тема во медиумите. Магазинот „Шпигел“ уште од самиот почеток го сметаше за грешка: „Се разбира, по овие 71 минута, Хеке на многумина ќе им изгледа нешто понормално и општествено поприфатливо отколку порано“.

Политикологот Оливер Лембке од Универзитетот во Бохум го гледа тоа сосема поинаку: „Постојаното бегство, неповикувањето и  исклучувањето на АфД постојано и повторно со истите фрази од перспектива на опасност доведе до тоа Хеке да можеше да се претвори во еден вид волшебник или мрачен господар.“ Оценката на Лембке беше објавена во „Билд", најголемиот германски таблоид.

Здружението на новинари повикува на „предупредувачки сигнал“ за АфД

Ако за тоа се прашува Германското здружение на новинари (ДЈФ), сите медиуми треба да го прилагодат  известувањето за АфД  најдоцна кога Сојузната служба за заштита на уставот ќе ја класифицира оваа партија во целост како „докажано десничарски екстремисти“. Во три од 16-те сојузни покраини, вклучително и Тирингија, тоа веќе се случи. Претседателот на Германското здружение на новинари, Мика Беустер бара: „Ова мора да се појави во нашите написи како јасно предупредување, како она на кутиите цигари“.

Медиумскиот експерт Бернд Геблер анализираше колку е тежок наводниот правилен однос кон АфД во две студии за Фондацијата Ото Бренер во 2017 и 2018 година. Во овие студии тој советува да не се паѓа во стапицата на изолација. Сепак, тоа не значи „дека политичарите на АфД мора да учествуваат на секој форум или да бидат замолени за интервјуа на ист начин како и сите други политичари“.

Новинарски вредности и класични алати

А она што, од негова гледна точка, е клучно, Геблер веќе тогаш го напиша: „Нема потреба од посебно новинарство специјално скроено по мерката на АфД. Напротив, АфД е едноставно нов предизвик во кој стариот повторно треба да се земат предвид старите новинарски вредности и класичните алатки“.